ул. 16 Македонска бригада бр.1, 1000 Скопје      (02) 3135033
MK EN
--------------------
--------------------
--------------------
--------------------
на почеток
06 Јуни 2009 - Теренска настава на планината Јакупица „Чеплес 2009“
ТЕРЕНСКА НАСТАВА „ЧЕПЛЕС 2009“
Традиционално, на падините на планинскиот масив Јакупица, во почетокот на јуни, студентите од прва година на студии на насоките озеленување и унапредување на животната средина и шумарство следат тридневна теренска настава по предметите дендрологија и шумарска педологија со петрографија.
Планинарскиот дом „Чеплес“, изграден на надморска височина од 1450 метри, беше научно-истражувачка база за 45 студенти и наставен кадар во периодот од 1. до 3. јуни 2009 година (фото 1).
Поаѓањето започна рано наутро од железничката станица во Скопје. По пријатното патување со воз, во којшто, и оваа година беше обезбеден посебен вагон наменет единствено за сместување на студентите, се пристигна во с. Богомила, велешко (фото 2). Оттука, со товарно моторно возило коешто го обезбеди велешката подружница на ЈП Македонски шуми, „Бабуна“, студентите заедно со предметниот асистент по дендрологија, Бојан Симовски, се упатија кон с. Папрадиште, по што се тргна по планинарски пат кон искачување на височините на недопрениот планински масив Јакупица (фото 3). На овој начин, студентите имаа прилика да се запознаат на терен со некои поважни дрвенести видови во Македонија, еколошките услови во кои растат и се развиваат, како и дел од шумските заедници распоредени височински (фото 4). Едновремено, кусите починки претставуваа вистинско уживање во изворите и водопадите на реката Бабуна, длабоката ладовина под крошните на буковата шума, но и ни ја пружаа нужната заштита од дождливото време.
Следниот ден претставуваше одлична прилика за активно учење и прошетка кон врвот Солунска Глава. Сепак, поради лошите временски услови, теренската настава се одвиваше во околните предели на ПД „Чеплес“. Заедно со д-р Коле Василевски, предметен професор по шумарска педологија со петрографија, беа изведени показни вежби за карактеристики на педолошко-геолошките услови во тој предел. Дендролошко-фитоценолошките карактеристики на околната букова и буково-елова шума беа образложени од страна на предметниот професор д-р Јане Ацевски. Месноста над домот, со својата пространост и растителна разновидност беше одлично место за одмор и сумирање на стекнатите информации, како и за собирање на хербарски материјал (фото 5).
Попладнето се организираше акција за расчистување и отворање на блиската шума од диви цреши. Оваа година, покрај редовното разубавување на просторот околу планинарскиот дом (фото 6), студентите имаа можност практично да изведат озеленување на простор за алпинеум (фото 7) и создавање на рекреативно место за пасивен и активен одмор во црешовата шума (фото 8).
Меѓусебното дружење, подобро запознавање и заедничката работа се континуиран и постојан дел од оваа теренска настава (фото 9). За жал, годинава временските прилики не беа особено наклонети за изведување на настава во природа, но беа поттик за вистинско теренско доживување.
Утредента, рано наутро, најиздржливите се упатија кон врвот Солунска Глава, поточно кон месноста Бабина Дупка (фото 10).
Речиси на истиот начин како што се изведе доаѓањето на „Чеплес“, секако не оставајќи ништо зад себе што не е во согласност со правилата за однесување во природа, така и се замина повторно кон Скопје. Притоа, за одбележување е кусиот одмор за оброк во рибникот во месноста Нежилово (фото 11) и с. Богомила (фото 12).
Фотографии: Бојан Симовски
box box