ул. 16 Македонска бригада бр.1, 1000 Скопје      (02) 3135033
MK EN
--------------------
--------------------
--------------------
--------------------
на почеток ~ вести, збиднувања...
ООУ „ЛАЗО ТРПОВСКИ“ И ПАРТНЕРИТЕ: ПРОЕКТ НА УЧЕНИЦИ ОД ООУ „ЛАЗО ТРПОВСКИ“ НАГРАДЕН СО ПОФАЛНИЦА ВО ХАМБУРГ
Проектот „Распространувањето и заштитата на инсектојадното растение Drosera rotundifolia во Република Македонија“ учениците го реализираа во соработка со студенти и експерти од Катедрата за ботаника и дендрологија на УКИМ Шумарскиот факултет во Скопје и други струкови институции и организации.
Проект на ученици од 7б одделение од ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје беше награден со пофалница од страна на стручното жири на 15. Меѓународен еколошки училиштен натпревар ГЕО 2013, кој традиционално се одржува во Хамбург, Германија.
Седмоодделенците на натпреварот учествуваа со истражувачки проект на тема „Распространувањето и заштитата на инсектојадното растение Drosera rotundifolia во Република Македонија“ (повеќе информации за проектот може да најдете на следните линкови: http://www.geo-artenvielfalt.de/aktionen/2013 и на http://www.geo-artenvielfalt.de/aktionen/2013/Drosera_rotundifolia) под менторство на предметните наставници Даниела Радевска и Стефан Симовски.
Проектот учениците го реализираа во соработка со студенти и експерти од Катедрата за ботаника и дендрологија на УКИМ Шумарскиот факултет во Скопје, Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје и Истражувачкото друштво на студенти биолози при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
На голем интерес кај стручното жири наиде тоа што инсектојадното растение Drosera rotundifolia (познато под народното име муволовка или росичка) во нашата земја претставува загрозен вид и досега е пронајдено само на планината Влаина, во месноста Јудови ливади, на височина од 1090 метри, во близина на Пехчево.
Годинашниот натпревар во Хамбург беше на тема „Биолошката разновидност во нашето опкружување“ (повеќе информации во врска со натпреварот и наградените проекти може да најдете на http://www.geo.de/GEO/natur/oekologie/tag_der_artenvielfalt/schuelerwettbewerb-2013-aufruf-2177.html и http://www.geo.de/GEO/natur/oekologie/tag_der_artenvielfalt/der-geo-schuelerwettbewerb-die-gewinner-stehen-fest-75729.html).
Натпреварот е во организација на списанието ГЕО во соработка со Германското здружение за меѓународна соработка GIZ а традиционално се организира секоја година по повод Светскиот ден на биодиверзитетот, 15 јуни.
На годинашниот натпревар учествуваа повеќе од 90 училишта од 6 земји (Германија, Австрија, Швајцарија, Сингапур, Чешка и Македонија) со вкупно 632 проекти. И покрај силната конкуренција проектот влезе меѓу 35 најдобри проекти на натпреварот и за својот неоспорен квалитет заслужи соодветно признание.
Предметен наставник по германски јазик во ООУ „Лазо Трповски“: Стефан Симовски
Е-адреса:
www.lazotrpovski.mk
25.IX 2013
box box box box
box box