ул. „16 Македонска бригада“ бр. 1, 1000 Скопје      (02) 3135033
MK EN
--------------------
--------------------
--------------------
--------------------
на почеток ~ додипломски студии
ГЕНЕРАЛНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА СТУДЕНТИТЕ
ТРОШОЦИ ЗА ЖИВЕЕЊЕ, ОБРОЦИ И СМЕСТУВАЊЕ
Сместување во Скопје
Покрај приватното сместување, студентите од Шумарскиот факултет можат да се сместат во Студентски центар - Скопје кој располага со следниве студентски домови:
     • Студентски дом „Гоце Делчев”, тел. (02) 3075 185 за блоковите А и Б и тел. (02) 3063 306 за блоковите В и Г
     • Студентски дом „Кузман Јосифовски Питу”, тел. (02) 3228 844 - портирница и тел. (02) 3228 138 - управник
     • Студентски дом „Стив Наумов”, тел. (02) 3116 175 - машка зграда, тел. (02) 3220 575 - женска зграда и тел. (02) 3116 175 - бараки
     • Студентски дом „Невена Георгиева Дуња”, тел. (02) 3238 910
Начинот и условите за аплицирање, роковите, местата и потребните документи се утврдуваат по пат на конкурс кој се објавува секоја година во дневниот и електронскиот печат од страна на Министерството за образование и наука.
Цената за сместување во Државниот студентски центар зависи од студентската населба-дом и се движи од 3 100 денари до 3 600 денари. За овие средства добиваат сместување и за 4 000 студентски бонови. Боновите се користат за исхрана во студенскиот дом-населба, во менза, бифе или продавница.
Студентите од внатрешноста кои се сместени во приватни објекти месечно плаќаат по околу 3 000 денари за сместување и од 1 000 до 1 500 денари за месечни трошоци (вода, електрична енергија, централно загревање, телефон).
Исхрана и превоз
Со извршено анкетирање е пресметано дека еден студент месечно троши по 6 000 денари во кои се вклучени превоз, храна и трошоци поврзани со факултетот.
За исхрана на студентите конкретно на Шумарскиот факултет можат да се користат објектите на студентската населба „Стив Наумов“ и приватните угостителски објекти во близина на факултетот.
Студентскиот билет за превоз (студентска возна карта) со автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ е бесплатен, согласно со пропишаните важечки акти на претпријатието.
МЕДИЦИНСКИ УСЛУГИ
Во состав на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ постои и Универзитетска амбуланта и аптека наменети за студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. Секој студент со запишувањето е должен да изврши систематски преглед во амбулантата со што се евидентира и се стекнува со право на користење на сите услуги.
МОЖНОСТИ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА СТУДИРАЊЕТО
Секоја година, Министерството за образование на Република Македонија распишува конкурс за студентски стипендии.
Студентите можат да аплицираат за наведените видови финансиска помош согласно со конкурсот што го објавува Министерството во дневниот и електронскиот печат. Подетални информации можат да се добијат на адреса: Министерство за образование и наука, ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1 000 Скопје, тел: (02) 3117 896, факс: (02) 3118 414, e-пошта: contact@mon.gov.mk, интернет-страница: www.mon.gov.mk
СТУДЕНТСКИ ПРАШАЊА
Студентските прашања се служба на факултетот која се грижи за сите административни прашања поврзани со студирањето. Службата за студентски прашања е надлежна за упис и заверка на семестрите, исполнувањето на соодветните услови, закажување, примање пријави и техничко организирање на испитите, водење индивидуални досиеја за студентите, издавање потврди и уверенија за статусот и за успехот на студиите и слично.
Службата за студентите обезбедува информации кои се однесуваат на административно - техничките прашања за студиите и е на располагање на студентите.
Сместена е во приземјето во централниот дел на факултетот. Контакт: Соња Петрова, (02) 3135 033 лок.145/155 или spetrova@sf.ukim.edu.mk.
СТУДЕНТСКИ ОРГАНИЗАЦИИ И ИНТЕРНАЦИОНАЛНИ ПРОГРАМИ
Факултетско студентско собрание на Шумарски факултет
Согласно со новиот закон за високото образование и новиот Статут на УКИМ (во подготовка),Факултетското студентско собрание ќе биде организација која ги штити интересите на студентите. Од основањето на факултетот до денес постоеше Студентски сојуз, а до скоро Студентски парламент на УКИМ-ШФС и дејствуваше како автономна невладина и непартиска организација. Беше член на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” - Скопје (СПУКМ, www.spukm.org.mk). Секој студент со запишувањето на факултетот можеше да стане член на студентската организација. Основна задача е следење и решавање на образовните, културните, економските прашања и проблеми на студентите како и грижата за студентскиот стандард. Сојузот можеше да го контактирате на телефон (02) 3135 033 лок.261.
Студентски правобранител
Студентскиот правобранител при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се грижи студентите во целост да ги остваруваат правата кои им се загарантирани согласно важечките прописи. Доколку студентите сметаат дека им е оневозмозено остварувањето на некое право, може да го контактираат Студентскиот правобранител кој со директно обраќање до соодветниот факултет ќе ги добие сите информации и ќе може да Ви помогне во целост да ги остварите своите права.
Студентски правобранител е Васка Бојаџи, која што можете да ја контактирате на телефакс: (02) 3221 350 или на e-пошта: st_pravobranitel@ukim.edu.mk
ИАЕСТЕ Македонија
ИАЕСТЕ Македонија (International Organization for the Exchange of Students for Technical Experience) е неполитичка, независна, невладина, волонтерска организација која овозможува размена на студенти од техничките факултети за извршување на стручна пракса. Преку ИАЕСТЕ студентите имаат можност да стекнат работно искуство на професионален план, да бидат во тек со актуелните технички достигнувања кои се применуваат во светот, како и многу нови контакти и пријателства. ИАЕСТЕ Македонија има околу 300 членови.
На чело на ИАЕСТЕ стои петчлено претседателство избрано со гласање од полноправните членови на организацијата. Претседателството се состои од Национален секретар, oдговорен за финансии, oдговорен за македонските студенти кои остваруваат пракса во странство, oдговорен за странски студенти кои остваруваат пракса во Македонија и oдговорен за маркетинг. Сите имаат мандат од две години.
ИАЕСТЕ Македонија има два локални комитета: локален комитет-Скопје и локален Комитет-Битола.
Член на ИАЕСТЕ може да стане секој редовен студент на следниве факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”: Електротехнички, Машински, Градежен, Архитектонски, Технолошко-металуршки, Шумарски, Факултет за земјоделски науки и храна, Природно-математички, Рударско-геолошки, во рамките на локалниот комитет во Скопје, потоа на Tехничкиот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски” во рамките на локалниот комитет- Битола, како и интердисциплинарните студии организирани на тие факултети. Студентот треба да плати членарина од 300 денари годишно.
Во зависност од активностите кои ги извршувал во текот на целата година, јазиците што ги зборува, просекот од предметите што ги слуша, како и во зависност од барањата на работодавците од разменетите пракси, студентот може да си овозможи предност во избирањето на разменетите пракси, пред другите студенти.
Некои од активностите кои студентот може да ги извршува се: обезбедување на стручна пракса за странски студенти во наши фирми, присуство во медиумите, компјутерска обработка и осмислување на маркетингшки материјал, одржување на веб страната на организацијата, наоѓање на спонзорства имајќи предвид дека ИАЕСТЕ Македонија во целост е студентска организација без постојан извор на приходи, за разлика од други комитети на ИАЕСТЕ низ светот.
Доделувањето на праксите на студентите е рамноправно, чесно и јавно.
Доколку сте заинтересирани, погледнете повеќе информации на следниот линк: www.iaeste.org.mk
ДРЕН (Здружение на студенти на Шумарски факултет)
Здружението на студенти на Шумарски факултет ДРЕН е основано во Скопје во 1999 година, од страна на амбициозни и студенти-ентузијасти од Шумарскиот факултет.
ДРЕН е неполитичка, невладина, непрофитна и независна студентска организација. Основна дејност на ДРЕН е поттикнување на активности кај студентите од шумарство и озеленување и унапредување на животната средина, со што во голема мера ќе се развиваат и збогатуваат нивните искуства и стручни познавања.
Истовремено, ДРЕН има благородна задача да обезбедува и дистрибуира информации до студентите кои ги изучуваат областите шумарство и животна средина, како и да ги претставува нивните професионални интереси на меѓународен план. Значајно место заземаат напорите на членовите на ДРЕН за меѓународна размена на студенти соработувајќи со други факултетски и невладини организации од шумарството и животната средина.
ДРЕН е членка на Меѓународната организација на студенти од шумарството (IFSA). Во ДРЕН може да членуваат и студенти од други факултети и универзитети, без разлика на родова и етничка припадност.
Контакт:
ДРЕН - Здружение на студенти на Шумарски факултет
ул. „16 Македонска бригада“ бр. 1 (п. фах 235)
МК-1000 Скопје
Тел: (02) 3135 033 лок.143
Е-пошта: dren@sf.ukim.edu.mk
IFSA (International Forestry Students’ Association) www.ifsa.net
СЛОБОДНИ АКТИВНОСТИ
Градот Скопје и неговата околина, на студентот како млад човек му нуди голем избор на слободни активности. За рекреација и спорт можат да се користат многубројните објекти за таа намена или пак едноставно кејот на реката Вардар, како и карактеристичните пејзажи Водно и Гази Баба за прошетка. Овде може да се вбројат кината, театарски претстави и слични активности кои се во функција на културно изградување на студентите и можност за рационално користење на слободното време.
СПОРТСКИ АКТИВНОСТИ
Спортските активности се потикнуваат и негуваат на Шумарскиот факултет. Студентите спортисти на факултетот се трудат да нижат успеси во фудбалот, пинг-понгот, како и во шахот. Секоја година се организираат екипи во спортовите за кои има интерес. Координација за спортските активности врши Факултетското студентско собрание на Шумарскиот факултет во Скопје.
box box