Врз основа на член
121 од Статутот, Наставно-научниот совет на Шумарски факултет - Скопје,
на својата XII седница одржана, на 29.XII 2003 година, ја донесе
следнава
О Д Л У К А За начинот на пријавување, изработка и јавна одбрана на дипломска работа
Член 1
Со оваа Одлука се регулираат условите, начинот и постапката
за пријавување, изработка и јавна одбрана на дипломска работа на
студентите на Шумарскиот факултет во Скопје.
Член 2
Дипломската работа е завршен испит и има рамноправен третман како и другите предмети предвидени со студиската програма.
Член 3
Дипломската работа треба да разработува материја од областа на шумарството и дрвната индустрија.
Член 4
Дипломска работа студентот може да изработи од предметите
кои ги следел во текот на студиите, со исклучок на општообразовните
предмети.
Член 5
Дипломската работа може да биде од теоретско-експериментален или од теоретско-апликативен карактер.
Член 6
Студентот пријавува дипломска работа најрано со заверка на
VII (седми) а најдоцна со заверка на VIII (осми) семестар на студиите.
Член 7
Бројот на насловите за дипломски работи се ограничува на 3 (три) наслови по предмет.
Член 8
Кандидатот, во соработка со менторот, ја пријавува
дипломската работа на соодветен образец кој содржи: - име на кандидатот,
- наслов на темата, - кратка содржина, - датум на издавањето, -
предлог-комисија за оценка и одбрана на дипломската работа. Покрај
кандидатот, пријавата ја потпишува и менторот на дипломската работа.
Член 9
Студентот има право да ги смени насловот на дипломската
работа и менторот, со претходна согласност на менторот на претходно
пријавената дипломска работа. Со новопријавената дипломска работа не
смее да биде надминат бројот на дипломски работи по предмет согласно со
член 7.
Член 10
Комисијата за оценка и одбрана на дипломската работа е
составена од три члена, од кои задолжително двајца се наставници, а еден
може да биде асистент. Во составот на комисијата е и менторот на
дипломската работа. Два члена на комисијата се од областа од која е
дипломската работа.
Член 11
Врз основа на поднесената документација, деканот донесува
решение за доделување на дипломската работа на кандидатот и ја потврдува
комисијата за оценка и одбрана на дипломската работа.
Член 12
Студентот е должен дипломската работа да ја заврши и да ја
предаде во рок од 3 (три) месеци по положувањето на сите испити. На
предлог на менторот, деканот може да одобри продолжување на рокот за
изработка на дипломската работа.
Член 13
Студентот ја предава дипломската работа, технички оформена,
во 6 (шест) примероци, од кои еден за библиотеката на Факултетот.
Член 14
Комисијата е должна дипломската работа да ја прегледа во рок
од 15 (петнаесет) дена од денот на поднесувањето. Доколку нема сериозни
забелешки, комисијата, во договор со кандидатот, закажува јавна одбрана
на дипломската работа најдоцна за 15 (петнаесет) дена по
прегледувањето. Датумот на јавната одбрана се објавува на огласната
табла на Факултетот најмалку 7 (седум) дена пред одбраната.
Член 15
Доколку комисијата констатира дека доставената дипломска
работа има сериозни недостатоци, му ја враќа на кандидатот со писмени
забелешки за потребните корекции за доработка. Менторот на дипломската
работа за тоа го известува деканот. Доработката на дипломската работа
студентот треба да ја изврши најдоцна за еден месец.
Член 16
Одбраната на дипломската работа е јавна. На одбраната
кандидатот ја образложува темата и одговара на поставените прашања од
комисијата. Прашањата од комисијата се во непосредна врска со
проблематиката на дипломската работа.
Член 17
По успешната одбрана, дипломската работа се оценува со
целобројна оценка од 6 (шест) до 10 (десет), која истовремено јавно му
се соопштува на кандидатот. Ако комисијата ја оцени одбраната како
незадоволувачка, кандидатот има право истата тема да ја брани уште
еднаш. Ако одбраната на дипломската работа по втор пат се оцени како
незадоволувачка, се покренува постапка за друга дипломска работа.
Член 18
По одбраната на дипломската работа, комисијата изготвува записник, уредно потпишан од тројцата членови на комисијата.
Член 19
Оваа Одлука ќе се применува од денот на нејзиното
објавување. Започнатите постапки ќе се завршат според Правилникот за
изработка на дипломски работи бр. 0101-543/1 од 29.IV 1985 година.
|