ул. 16 Македонска бригада бр.1, 1000 Скопје      (02) 3135033
MK EN
--------------------
--------------------
--------------------
--------------------
на почеток
ТЕРЕНСКА НАСТАВА „ЧЕПЛЕС 2010“
На падините на планинскиот масив Јакупица, традиционално, кон крајот на мај, студентите од прва година на студии на насоките озеленување и унапредување на животната средина и шумарство следат тридневна теренска настава по предметите дендрологија и шумарска педологија со петрографија.
Планинарскиот дом „Чеплес“, изграден на надморска височина од 1450 метри, беше научно-истражувачка база за 45 студенти и наставен кадар во периодот од 27 до 29 мај 2010 година.
Поаѓањето започна рано наутро од железничката станица во Скопје. По пријатното патување со воз, во којшто и оваа година беше обезбеден посебен вагон наменет единствено за сместување на студентите, се пристигна во с. Богомила, велешко. Оттука, со товарно моторно возило коешто го обезбеди велешката подружница на ЈП Македонски шуми - „Бабуна“, студентите заедно со предметниот асистент по дендрологија, Бојан Симовски, се упатија кон с. Папрадиште, по што се тргна по планинарски пат кон искачување на височините на недопрениот планински масив Јакупица. На овој начин, студентите имаа прилика да се запознаат на терен со некои поважни дрвенести видови во Македонија, еколошките услови во кои растат и се развиваат, како и дел од шумските заедници распоредени височински. Едновремено, кусите починки претставуваа вистинско уживање во изворите и водопадите на реката Бабуна, длабоката ладовина под крошните на буковата шума, но ја пружаа и нужната заштита од невообичаено топлото време, проследено со мали врнежи од дожд.
Попатно, забележливо беше ерозивното дејство на атмосферската вода, бидејќи на две места патот беше натрупан со земјен нанос и мали свлечишта.
Следниот ден претставуваше одлична прилика за активно учење и прошетка кон врвот Солунска Глава. Сепак, поради лошите временски услови, теренската настава се одвиваше во околните предели на ПД „Чеплес“, месноста Бабина Дупка, а најупорните се искачија на повисоките предели, под врвот, водени од проф. д-р Јане Ацевски. Заедно со Магдалена Вигњевиќ, предметен лаборант по шумарска педологија со петрографија, беа изведени показни вежби за карактеристиките на педолошко-геолошките услови во тој предел. Дендролошко-фитоценолошките карактеристики на околната букова и буково-елова шума беа образложени од страна на предметниот професор д-р Јане Ацевски. Месноста над домот, со својата пространост и растителна разновидност беше одлично место за одмор и сумирање на стекнатите информации, како и за собирање на хербарски материјал.
Попладнето се организираше акција за расчистување и разубавување на просторот околу планинарскиот дом, како и истражување на дел од богата дрвенеста флора во непосредното опкружување и детерминација на собраниот хербар.
Меѓусебното дружење, подобро запознавање и заедничката работа се континуиран и постојан дел од оваа теренска настава. Годинава временските прилики беа наклонети за изведување на настава во природа, но врнежливите моменти беа и поттик за вистинско теренско доживување.
Речиси на истиот начин како што се изведе доаѓањето на „Чеплес“, секако не оставајќи ништо зад себе што не е во согласност со правилата за однесување во природа, така и се замина повторно кон Скопје. Притоа, за одбележување е кусиот одмор за оброк во рибникот во с. Нежилово.
Подготвил: Мери Митевска, студент
Фото: Пом. асс. инж. Бојан Симовски

29.05.2010
box box box box
box box box box
box box